Презентација на Клелија Живковиќ „Мали победи“, Доротеј Нешовски „Фикции и простори во кои живеам“ и средба со Лудвиг Китингер, Ана де Алмеида и Фелим Меконигли од уметничкиот колектив <dienstag abend>, 6ти Интернационален симпозиум КУРАТОРСКИ РАЗМЕНИ | Простори, функции, фикции и други заеднички именители | организиран од Проектен простор Прес ту егзит | 10 мај, 2017, Социјален центар Дуња, Скопје, 20.00 ч.
Во среда на 10-ти мај, во Социјалниот центар „Дуња“ во Скопје со почеток во 20:00 ч. ќе се одржи отворена средба со Лудвиг Китингер (Ludwig Kittinger), Ана де Алмеида (Ana de Almeida) и Фелим Меконигли (Phelim McConigly) од уметничкиот колектив <dienstag abend> од Виена, Австрија, придружена со презентациите на социјалната дизајнерка од Скопје, Клелија Живковиќ насловена “Мали победи” и мултимедијалниот уметник Доротеј Нешовски со „Фикции и простории во кои живеам“.
Со овој настан се најавува започнувањето на шестото издание на Интернационалниот симпозиум „Кураторски размени“ на тема: „Простори, функции, фикции и други заеднички именители“, кој вклучува гости од Австрија, Шпанија, Полска и Македонија и ќе трае до 21-ви мај, 2017 година.
„Мали победи“ на Клелија Живковиќ е проект за архивирање на промените во градот Скопје, преку користење на лично искуство како артефакт. Проектот има за цел да го истражува односот на граѓаните кон нивниот град и да ја искористи нивната перспектива како единствен документ кој раскажува приказна за историја која е изменета и одново фабрикувана.
Презентацијата „Фикции и простории во кои живеам“ на Доротеј Нешовски дава увид во истражувачките интереси на уметникот за релацијата „индивидуа-галерија-институција“ и низата потенцијали на исчитување на ефемерното наспроти постојаното, јавното наспроти институционалното, виртуелниот наспроти физичкиот галериски простор при создавање на т.н „невидливи дела“.
Лудвиг Китингер, Ана де Алмеида и Фелим Меконигли пак, на оваа средба, ќе нè запознаат со идеjата за нивната просторно-специфична работилница насловена ”dienstag abend No. 86”, која во текот на три последователни дена, почнувајќи од 11-ти до 13-ти мај со почеток во 12 часот до 16 часот, ќе се одржуваат во Социјалниот центар „Дуња“, како и за начинот на кој заинтересираните учесници ќе бидат инволвирани во нea.
”dienstag abend No. 86“ е работилница која се однесува на ситуации, интервенции и инволвираност. Целта на работилницата е споделување на бројни процеси кои колективот <dienstag abend> ги дефинираат низ различни настани, изложби и изданија. За време на работилницата учесниците се поканети да пронајдат ситуација врз која ќе интервенираат, со намера да предизвикаат нови интервенции и инволвираност а кои се однесуваат на нивната работа.