logo
A powerful architecture & Construction theme. Construct your website in the perfect Ratio.
Alienum phaedrum torquatos nec eu, vis detraxit periculis ex, nihil expetendis in mei. Mei an pericula

Blog

presstoexit / news  / 4 ИДЕИ / РЕМИКС

4 ИДЕИ / РЕМИКС

Изложба | 4 Идеи / Ремикс: Иваноска, Жерновски, Јовановиќ, Чаловски | курирана од Јованка Попова Галерија „Акантус“, ул. Орце Николов бр. 99, Скопје, 03.09-21-09. 2017 209.00 ч.

Изложбата „4 Идеи / Ремикс“ опфаќа избор на дела на четворица современи македонски автори: Христина Иваноска, Велимир Жерновски, Ѓорѓе Јовановиќ и Јане Чаловски. Како што насочува и самиот наслов, четири генеологии на концептуално и визуелно обмислување и изразување се ставени во меѓусебен дијалог поставувајќи контекст за делата остварени во рамки на проектот „Everything Matters Prototypes“ во реализација на Проектниот простор Прес ту егзит од Скопје. 

Процесот на пишување, начинот на изразување идеи преку букви и зборови, и на крајот претставувањето на текстот како визуелно дело, се важен сегмент во уметничка практика на Христина Иваноска. За неа изборот на материјал во кој ќе се врежат, испишат, извезат, втиснат зборовите не е никогаш случаен. Во рамки на изложбата e претставена серијата на мултифункционални дрвени резби именувани како „Самовилска коса“ (2016/2017), чиј наслов доаѓа од книгата „Омарнини“ (1972) на Славко Јаневски. Зборот самовила, кој има индо-европски корени и значи божественo, дивo, беснo митско суштество претставено како убава долгокоса жена со крилја, со своја воља, моќ, нескротлива и дива, тематски ги обединува нејзините изложени цртежи, резби, везови, керамики и слики. Преку секое свое дело Иваноска продолжува да го потенцира процесот на женска еманципација и односот наспрема политичкото, општественото и спиритуалното себство во релација со заедницата како синоним на простор за солидаризација.

Велимир Жерновски следејќи го личниот интерес за поимите на идентитетот, урбанизмот и популарната култура, развива нова серија на визуелни дела кои ја поддржуваат визијата за трансформација и транзиција кон просторот за поинаква (нова) иднина. Неговиот прототип за мека скулптура насловен „Principia #00“ (2016/2017), објаснет како „кадифен придружник кој емитува гравитациони ефекти вклучувајќи ги и нашите тајни и стравови, љубови и очаи“ произлегува од новата серија на дела насловенa Beyond the Blackness (2017). Жерновски тргнува од човечката љубопитност и знаење за нашиот универзум како појдовна точка за креирање на дела инспирирани од популарните слики на НАСА (Националната аеронаутика и вселенска администрација) и ЕСА (Европската вселенска агенција) со намера да го отслика меланхоличниот пат на човечката интеракција со природата.

Интегрирајќи елементи од неговите претходни визуелни истражувања кон гротескното во секојдневието, Ѓорѓе Јовановиќ, создава прототип во кој обединува повеќе сфери на интерес од ликовната и применетaта уметност, типографијата и поезијата. Прототипот насловен „Трошки на асфалтот што испарува“ (2016) кој се состои од пет рачно изработени платна, исцртани и испишани со текстилни бои и маркери, ги обединува неговите размисли за врските и различностите меѓу ликовната и применетата уметност каде, и покрај посебните квалитети и насоки што овие дисциплини ги поседуваат, секогаш постои простор за нивно взаемно надополнување во единствена целина. Оттука, на неговиот прототип кој е замислен и како двострана слика кој може да функционира како постер, прекривка или завеса, аплицирани се фрагменти од поезијата на Џек Керуак, Вилијам Блејк и Чарлс Буковски. Двостраниот третман на прототипот, кој е пропратен со парче од истото платно нудејќи му можност на идниот сопственик лично да интервенира на него, е создаден со намера да овозможи игривост, непосредност и можност за комбинација.

Истражувањето и продукцијата на серијата објекти насловена „Компресиран минимум“ (2016/2017), е повеќеслојно и сублимира ликовни, научни и технолошки процеси кои Јане Чаловски ги имплементира во својата уметност. Во овој случај како материјал е користена синтетичка гума создадена преку комбинирање на хемиски елементи, пигменти и други состојки, и која е создадена во соработка со специјализирана лабораторија за гумено производство во Скопје. Објектите кои се резултат од истражувањето се карактеризирани како икони со вграденa функционална, естетика и колоритна спецификација од урбаниот простор и се поврзани со неговото истражување во Архивот на материјалности на Баухаус Фндацијата во Вајмар. Истовремено, неговиот интерес кон не-линеарни и фрагментарни наративи е претставен и преку избор на цртежи кои ја дополнуваат идејата за визуелна компресија на концепти и процеси. 

Дополонително за проектот „Everything Matters Prototypes“:

Everything Matters Prototypese повеќегодишен проект во полето на креативните индустрии кој го третира концептот за производство на прототипи на предмети кои функцираат и како уметнички објекти, тестирајќи го денешниот културен и социо-економски контекст. Намерата на истите е да се развијат во серија на помали едиции на производи реализирани во соработка со занаети во изумирање или во соработка со мали фирми чие производство е насочено кон производство на производи во еден конкретен медиум. Оттука, проектот се фокусира на употребата на традиционалните занаетчиски техники на нетрадиционални начини, со поинакви медиуми и процеси на работа кој го користат традиционалниот код и обработка на сликата, но вклучуваат и наративни и експериментални структури во поинаква форма на заедништво во која занаетот, уметникот и пазарната вредност создаваат алтернативни модели на економски и естетски трансакции.

Во реализацијата на проектот „Everything Matters Prototypes“ земаа учество уметниците во соработка со ХРИСАЛ – Скопје, Гран-Арт Дизајн – Прилеп, Кројачка работилница Јован Николовски – Скопје, Монозеро – Скопје, столарска работилница на Владо Димоски и архитектот Иван Пешевски. Проектот беше делумно поддржан од одделот за Креативни индустрии при Министерството за култура на Република Македонија вo 2015 и 2016 година.

Кратки биографии на уметниците и кураторот:

Христина Иваноска дипломирала (1997) и магистрирала (2013) на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Во моментов е докторски кандидат по ликовни практики на Академијата за ликовни уметности, Виена. Иваноска работи со објект, текст, цртеж, видео, инсталација и перформанс, често интердисциплинарно и како критичко истражување на искуствата во денешните општествени и политички системи и нивниот однос со теоријата и историјата. Таа има реализирано бројни самостојни и групни изложби во значајни институции и независни простори во земјава и странство. Од 2000 година соработува со Јане Чаловски со кого има остварено значајни колаборативни проекти. Нивното дело „Ние сите сме сами во ова“ беше претставено на 56. Венециско биенале – Павилион на Република Македонија (2015). Во 2004 заедно со Чаловски се коосновачи на Проектниот простор Прес ту егзит.

Велимир Жерновски преку цртеж, видео, објектна инсталација во јавен простор, објавување на уметникови книги, сценографии како и други соработки ги истражува поимите на идентитетот, урбаноста и популарната култура.  Дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Има остварено повеќе самостојни и бројни изложби во Македонија и странство. Тој е куратор и ко- куратор на неколку проекти и изложби и учествувал во повеќе меѓународни проекти и соработки. Има работено како кураторски асистент на press to exit project space, истражувач на Универзитетот Евро-Балкан, а бил и член на Програмскиот одбор на ИТИ (Меѓународниот театарски институт – Македонија) и активно учествувал во програмата на Коалицијата “СЗПМЗ”. Од 2008 Жерновски е ко- основач и претседател на ФРИК Формација која работи на мотивирање на социјално ангажирана уметност, продукција и демократизација на општеството, преку предрасудите и стереотипите. Од 2013 е ко-основач на ИПАК центарот во Белград. 

Ѓорѓе Јовановиќ дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2003). Во неговите дела  тој ги преиспитува меѓучовечките односи во контекст на општата состојба на редефинирање на универзалните вредности, односот човек-општество и конзумеризмот како клучен фактор на модерниот начин на живот, политиката како фактор на распаѓање на градовите, државите и семејствата. Работи инсталации, перформанси, објекти, видеа, колажи  и слики.  Реализирал повеќе самостојни изложби во државата и странство. Остварил повеќе резиденцијални престои во Базел,  Тирана  Париз,  Њујорк,  Истанбул,  Грац. Добитник е на наградата „Денес“ за млад уметник (2009), наградата за видео на меѓународниот фестивал Алтернативен филм / Видео во Белград (2009), Акто фестивал (2012) и Најдобар млад уметник на 10. Биенале на млади уметници, Музејот на современата уметност – Скопје (2013).

Јане Чаловски магистрирал на Linköpings Universitet (2010), а дипломирал на Pennsylvania Academy of the Fine Arts (1996) и Bennington College (1997). Тој е уматник чии објекти, цртежи, видеа и инсталации произлегуваат од интуитивни процеси на интегрирање на модернистички архиви во современи социо-културни исчитувања. Изложувaл во значајни институции и галерии во светот меѓу кои Kunshaus Bregenz, Tate Britain, European Kun­sthalle, Contemporary Art Center Vilnius, Konshallen Brandts, Philadelphia Museum of Art, The Drawing Center и многу други. Изложувал на Манифеста 7 (Болзано, 2008) и Манифеста 3 (Љубљана, 2000) како и на други биенални изложби. Неговите дела се во повеќе значајни приватни и јавни колекции низ светот. Наградуван е со бројни признанија меѓу кои ORTung (2012), Allians Kulturstiftung, Berlin (2004) и The Pew Fellowship in the Arts (2001). Во 2012 Zorlu Center Art Collection ја публикува неговата монографија OBJE’CT уредена од кураторка Башак Шенова. 

Јованка Попова е куратор и програмски координатор во Проектен простор Прес ту егзит. Дипломирала и магистрирала на Филозофскиот факултет во Скопје – Институт за историја на уметност и археологија, каде била и асистент по предметот „Македонска современа уметност“. Курирала повеќе изложби во Македонија, а работела и на неколку интернационални кураторски проекти. Одржала презентации и предавања на Humboldt University во Берлин, Central European University во Будимпешта, Goethe University во Франкфурт, Hankuk University of Foreign Studies во Сеул, Kunst Historisches Institut во Фиренца, Bahcesehir University во Истанбул, Trondheim Academy of Fine Arts и други. Член на управниот одбор на македонската секција на AICA International Association of Art Critics. 

 

 

 

admin

No Comments

Post a Comment