КУРАТОРСКИ РАЗМЕНИ 5: Институционалното како јавно
5ти Интернационален симпозиум КУРАТОРСКИ РАЗМЕНИ | Институционалното како јавно | организиран од Проектен простор Прес ту егзит | 22 септември – 01 октомври, 2016
Кураторски размени е годишен симпозиум кој ја третира локалната и регионална потреба од квалитативна размена на знаење и искуства кои се однесуваат на теоретски и уметнички истражувања, кураторски практики и едукација. Петтото по ред издание на симпозиумот насловен „Институционалното како јавно“ ги претставува словенечката историчарка и теоретичарка на уметност Бети Жеровц, австриската кураторка, културна теоретичарка, урбана истражувачка и писателка Елке Красни, и македонската уметничка и урбана истражувачка од Берлин Ивана Сиџимовска, кои ќе приложат различни дискурзивни презентации и проекти преиспитувајќи до кој степен институциите, јавноста и уметничката практика коренспондираат со развојните концептоти за критичко курирање. Улогата и се по забележителното влијание на кураторот во контекст на културната продукција воопшто, како и условеноста на неговото делување во и вон институционалните рамки, ќе бидат подложени на критичко размислување и анализа со секоја презентација и работна сесија. На тој начин симпозиумот ќе се обиде да адресира различни методологии и услови кои ја дефинираат кураторската практика како канал за социјални и политички критики и како практика изразена како логичен континуитет во процесот на поттикнување на културните, како и социо-политичките промени во современото општество.
Симпозиумот е куриран, организиран и реализиран од страна на историчарката на уметност и кураторка Јованка Попова, и уметниците и коосновачите на Проектниот простор Прес ту егзит, Христина Иваноска и Јане Чаловски.
ПРОГРАМА:
Презентација на Бети Жеровц: “When Attitudes Become the Norm: the contemporary curator and institutional art”
Датум: четврток, 22.09.2016
Место: Клуб ГЕМ, Скопје
Време: 19.00 – 21.00 ч.
Сесија на прашања и одговори на крајот од презентацијата модерирана од Јане Чаловски
Книгата When Attitudes Become the Norm (издадена од Archive Books и Igor Zabel Association for Culture and Theory, 2016) е збирка на есеи и интервјуа од историчарката на уметноста и теоретичарка Бети Жеровц која се осврнува на кураторските практики во современата уметност,. Жеровц ги испитува кураторските практики во однос на поширокиот социјален, политички и економски контекст, како и во релација со силните промени кои се случија во полето на уметноста во минатиот век. Таа кураторот го анализира како личност која се појавува, се развива, и учествува во институционализирањето на современата уметност и констатира дека со неговата појава институционална уметност – уметноста дизајнирана со намера да одговара на просторот и потребите на институцијата – достигнува целосен израз.
Работна сесија со Бети Жеровц
Датум: петок, 23.09.2016
Место: Клуб ГЕМ / Менада, Скопје
Време: 16.00 – 19.00 ч.
Појдовна точка на работната сесија ќе биде есејот The Curator and the Leftist Politicisation of Contemporary Art објавен во книгата When Attitudes Become the Norm. На работилницата учесници ќе добијат можност да ги преиспитаат некои од клучните теми и нивната релевантност денес. На кој начин уметничкиот систем се промени во последните десет години? Дали истиот се промени на подобро? Дали сме во право кога тврдиме дека социјалните прашања и слични на нив, треба да се повидливи во неговите рамки? Треба ли да се обидеме да најдеме начин да функционираме надвор од нив, или барем да ги избегнеме практиките со кои не се согласуваме? Може да се замисли уметничката практика надвор од “класичниот западен уметнички систем” воопшто?
Во Македонија, слично како и во Словенија, уметноста се уште во голема мера е финансирана од државни сретства. Приватното финансирање и уметничкиот пазар се недоволно развиени. Кои се позитивните аспекти на таквата ситуација и што треба да се направи за да го извлечеме максимумот од неа?
Заинтересираните за работната сесија ќе можат да го потврдат своето присуство на presstoexit@gmail.com
Аудио тура: „Раскажувајќи го Скопје. Скопје 2014: Хегемониски и спекулативни наративи“, уметнички дел од докторска дисертација на Ивана Сиџимовска, Баухаус Универзитет Вајмар, Факултет за дизајн и медии
Датум: петок, 30.09.2016
Време: 10:30-12:00; 12:00-13:30; 13:30-15:00, 15:00-16:30, 16:30.18:00 ч
Збирно место: платото пред Музејот на град Скопје
Уметничкиот дел од докторското истражување на Сиџимовска е поврзан со неолиберални симболични урбани реконструкции, со фокус на преобразбата на градот Скопје односно ефектите на урбаното обновување врз јавниот простор. Создадена на основ на граѓаните и нивните субјективни приказни, замислени ситуации и искуства на урбаното, кои ги споделиле при прошетка со авторката, се создава шпекулативен наратив на градот, во кој се проектираат идеи за повторна проценка, преформулирање и поинакво толкување на реконструкцијата. Во комбинација со повеќе сонични опсервации, снимани на бинаурален начин, оригиналните интервјуа со граѓаните се процесираат, преведуваат и развиваат во форма на интерактивна сонична прошетка.
Отворено предавање и разговор со Елке Красни: “Involved: Urban Curatorial Practice”
Датум: петок, 30.09.2016
Место: Клуб ГЕМ, Скопје
Време: 19.00 -21.00 ч.
Сесија на прашања и одговори на крајот од презентацијата модерирана од Јане Чаловски
„Што значи да се биде инволвиран? Наспроти позадината на историите и теориите за урбаните интервенции, привремено експерименталната архитектура, социјално ангажирани уметнички практики, како и критички просторни практики, јас ве вовед во концептот за инволвираност. Урбаното курирање е нужно инволвирано. Инволвирањето значи и споделување и вплеткување. Кои се импликациите и компликациите од ваквото споделување и вплеткување, односто инволвираност? Урбаното курирање е инволвирано во материјалните, социјалните, културните, политичките и економските урбани состојби. Урбаното курирање е дел од динамиката на урбана трансформација. Затоа, урбаното курирање е вмешано во, и воедно искомплицирано од состојбите во реалниот свет, во услови на глобализиран неолиберализам, постколонијализам, меѓународна миграција, нееднаков развој, и урбани кризи. Инволвираната практика, оттука, условува критичко истражување, материјалистичка анализа, трансверзална соработка. Инволвираната практика се базира врз повеќе различни распределени урбани сознанија, во мноштво. Предавањето се базира врз примери од мојата кураторски практики, како Mapping the Everyday.Neighbourhood Claims for the Future и Hands-On Urbanism. The Right to Green.“
Работна сесија со Елке Красни
Датум: сабота, 01.10.2016
Место: Мобилна/монтажна галерија и MAD Kitchen, Скопје
Време: 11.00 – 15.00 ч
Инволвиран; Урбани културни практики; Што е потребно за да се биде инволвиран?
На работилницата заеднички ќе работиме на поимот на вклучување кој обединува мисли и чувства.
Работилницата ќе се заснова на следниве текстови:
Walter Benjamin: On the Concept of History (напишана на германски во 1940)
Lauren Berlant: Austerity, Precarity, Awkardness (2011)
Elke Krasny: Demonstrations between Criticism and Crisis (2012)
Заедно, ќе избереме место на урбана трансформација во Скопје.
Ќе мислиме на она што значи да се биде инволвиран.
Ќе мислиме на она што е потребно да се биде инволвиран.
Заинтересираните за работната сесија ќе можат да го потврдат своето присуство на presstoexit@gmail.com
БИОГРАФИИ:
Бети Жеровц (Beti Žerovc) е словенечка историчарка и теоретичарка на уметноста. Таа предава на Катедрата за историја на уметност на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот во Љубљана. Нејзини предмети на истражување се визуелната уметност и уметничкиот систем од средината на деветнаесеттиот век, како и нивната улога во општеството. Во изминатите петнаесет години нејзиното истражување се концентрира на феноменот на совремеиот куратор, на современите изложби како медиум, и променетата улога на уметничките институции.
Ивана Сиџимовска е визуелна уметница и истражувачка на урбаниот простор. Има завршено додипломски студии на Факулетот за ликовна уметност на Педдагошки оддел во Скопје и магистерски студии на Факулетот за ликовна уметност Берлин – Вајзенсее, оддел Просторни стратегии. Нејзината уметничка пракса и истражување вклучува трансдициплинарна работа помеѓу уметност, архитектура и урбана социологија и најчесто е поврзана со работа во јавниот простор, притоа употребувајќи различни методи, медиуми и техники. Oд 2012 таа е докторски кандидат на Баухаус Универзитетот Вајмар, Факултет за дизајн и медии.
Елке Красни (Elke Krasny) е кураторка, културна теоретичарка, урбана истражувачка и писателка. Таа е професорка на Академијата за ликовни уметности во Виена, Австрија. Нејзината теоретска и кураторската работа е цврсто вкоренета во општествено ангажираната уметност и просторна практика, урбана епистемологија, постколонијална теорија и феминистичка историографија. Во нејзината концептуално насочена и истражувачка кураторска практика таа ги преиспитува вкрстувањата меѓу уметноста, архитектурата, образованието, феминизмот, контекстот, просторните политики и урбанизмот. Нејзина цел е да даде придонес во иновациите и дебатите во овие области, преку соединување на експериментални пост-дисциплинарни сојузи меѓу истражувањето, учењето, кураторството и пишувањето.
Организирано од:
Проектен простор Прес ту егзит (Скопје)
Проектен простор Прес ту егзит е основано во средината на 2004 година од страна на уметниците Јане Чаловски и Христина Иваноска како посебна програмски базирана уметничка иницијатива за истражување и продукција во полето на визуелните уметности и кураторските практики. Неговиот фокусот е насочен кон изнаоѓање нови начини за генерирање и продукција на проекти како и воспоставување на соработки со уметници и куратори од Македонија и странство преку четири програми: Иницијатива за кураторски гостувања; Нови проектни продукции; Предавања, презентации и изложби, и Издавачка програма.
Во соработка со:
Клуб ГЕМ (Скопје)
Монтажна/мобилна галерија (Скопје)
MAD Kitchen (Скопје)
Modesty (Токио)
Подржано од:
Министерство за култура на Република Македонија
Совет на Град Скопје
Австриска амбасада, Скопје
No Comments