111 тези за ГТЦ
Надворешни активности | Уредници: Ивана Васева, Филип Јовановски | книга „111 тези за ГТЦ“ | Автори на текстови: Мартин Гулески, Минас Бакалчев, Доминика Бошкова, Јасна Стефановска, Ана Ивановска – Дескова, Донка Барџиева – Трајковска, Михајло Зиноски, Дејан Ивановски, Горан Јанев, Мишко Ралев, Даница Павловска и Никола Писарев | Мобилна/ монтажна галерија на ЦАЦ, Скопје | 23 април, 2015
Оваа публикација произлезе од читачката и дискусиона група насловена „ЧИТАМЕ ЗГРАДИ: ГТЦ КАКО КНИГА“ која се одржа на 29 ноември, 2014 год. во Младински културен центар во Скопје, во рамки на долгорочниот проект „ЖИВИ БИБЛИОТЕКИ: архиви на граѓанска непослушност“ (https://zivibiblioteki.wordpress.com/).
Книгата е делумно транскрипт на тaа средба, чија цел беше исчитување на Градскиот трговски центар во Скопје. „111 тези за ГТЦ“ е книга создадена од стручни мислења за значењето на овој објект поставени во 11 тези од вкупно 11 значајни мислители на современата архитектонска сцена во Македонија (двајца заедно пишуваат 11 тези), и е едитирана со помош на сите учесници и со модераторот на дискусијата.
Читајќи ја оваа зграда, јавно се обидовме одново да го потенцираме, преиспитаме и да понудиме заштита на нејзиното несомнено културoлошко, општествено и уметничко значење, којшто во последните години има за цел да се избрише, буквално и физички од македонската култура, со интенцијата за негово, речиси варварско покривање со „барокна“ фасада. И оттаму, читањето на ГТЦ како книга е обид за оживување на неговата пред сé општествена но и уметничка вредност.
Насловот „111 тези за ГТЦ“ е директна референца на книгата „111 тези за архитектурата“ на Борис Чипан и симболичен чин, потсетувајќи на некои вредности коишто не само што се забораваат по природен пат, туку и намерно се бришат преку препокривање со нови, непознати и еклектични стилови, без никаква уметничка вредност.
No Comments