logo
A powerful architecture & Construction theme. Construct your website in the perfect Ratio.
Alienum phaedrum torquatos nec eu, vis detraxit periculis ex, nihil expetendis in mei. Mei an pericula

Blog

presstoexit / 2015  / Набљудувања: Светлина

Набљудувања: Светлина

Надворешни активности | Христина Иваноска, Јане Чаловски |изложба  „Набљудувања: Светлина“ | куратор: Елена Вељановска| Abbaye aux Dames (Salle des Abbesses), Каен, Франција| 19 март – 10 април, 2015.
 
Изложбата „Набљудувања: Светлина“ и приоѓа на една од основните теми во визуелната уметност: светлината и нејзината улога како активна компонента во уметничката креација и визуелната перцепција. Делата во изложбата ги анализираат визуелните, хроматски вредности на светлината и трансформативната моќ на природната светлина и се обидуваат да ја исликаат темнината, нагласувајќи или менувајќи ги скулптуралните карактеристики на објектите. Од друга страна, тие ги набљудуваат метафоричките, филозофските и духовните значења на светлината. Секој од уметниците во оваа изложба тргнува од поинаква почетна точка во набљудувањето или во работата со светлината. Во нејзината потрага по светлината, Флор Хелуан патува низ историјата на уметноста, за на крај да се фокусира на истражувањето на луминозната хроматика на предисториската обсерваторија Кокино во Македонија. Во потрага по интелектуалната светлина, Христина Иваноска нè внесува во дијалог за трансценденталното значење на светлината и можностите за просветлување преку филозофија и еманципација, додека Јане Чаловски ги испитува можностите на не-визуелно претставување и поетското значењето на светлината.
 
Делата коишто се прикажани на изложбата, се разбира се должат на многу долга историска линија на истражување и дискусии за светлината, преку уметноста. Акутната свест за значењето на светлината за човековото постоење, секогаш и давала на светлината централна улога во уметноста и нејзината претстава во текот на историјата. Затоа светлината секогаш била поврзана со повисоките инстанци на создавањето, без разлика дали таа е претставена како сонце во праисториските религии или подоцна, во христијанството, во дефинирањето на концептот за Бог како „светлина“. Употребата на светлината во уметноста неминовно е поврзана со темелите на визуелното претставување и развојот на теоријата за убавина. Во доцниот среден век, на пример, Тома Аквински, како основа за убавина ги смета трите клучни елементи: пропорција, интегритет и јаснотија (claritas), последниот термин реферира поточно на светлина или луминозност. Толкувањето на светлината игра голема важност во Средновековните ракописи, пренесувајќи ги доминантните тенденциии на времето: достигнување на светлина преку верата во Бога, што резултира со сјајни златни уметнички дела, коишто имаат за цел да бидат одраз на светлината од внатре. Подоцна, кјароскуро техниката на Ренесансата, како и користењето на централната светлина во барокното сликарство (Караваџо, Жорж де ла Тур) носи сосема нов начин на креирање на волумени и сенки во сликарството, на тој начин отварајќи пат за креирање на нов израз и режирање на композицијата на сликата.
 
Со приближувањето кон модерното доба и со напредокот во научната сфера за физичкиот квалитет на светлината, се создаваат услови за нови видови на истражувања на светлината во уметноста: en plein-air (сликање на отворено) техниката на француските импресионисти успева да вдише свеж воздух во сликата и да ја искапи во светлина. Таа кулминира во една од најпознатите студии на светлина од овој период и нејзиното влијание врз насликаниот објект, прецизните сликарски студии на Руенската катедрала направени од Клод Моне во периодот од 1892 до 1894 година. Овие студии ќе направат пресвртница во перцепцијата на трансформативната моќ на природната светлина врз набљудуваниот предмет и важноста на природна светлина во сликарството. Работата на двајца технолошки пионери, ја означува атмосферата во уметничките истражувања од почетокот на 20 век, коишто понатаму ќе играат особено важна улога во претстојниот развој на експерименталната уметност на светлината. Кинетичката скулптура, ориентирана кон иднината „Светлосно-просторен модулатор“ на Ласло Мохоли-Наѓ произведува формации од сенки и игра со бои и бела светлина, додека „Лумиа“ на Томас Вилфред ја проширува употребата на светлината, претварајќи ја во звук. Денес ова т.н. наследство сè уште може да се забележи, во делата на уметниците коишто работат со светлина, како Олафур Елиасон, за кого светлината е централен елемент во неговите инсталации коишто многу ефективно го менуваат чувството за простор и перспектива, или дигиталниот уметник Роји Икеда, чиишто аудио-визуелни експерименти со светлина и звук добиени по пат на сложени математички калкулации, визуелизираат сосема нова реалност.
 
Овие историски референци коишто следат една истражувачка линија, служат за илустрирање на директните и индиректните влијанија и инспирации за создавањето на оваа изложба. Посочените влијанија се секако само еден мал сегмент од обемните истражувања водени на темата имајќи ја предвид комплексноста којашто таа ја наметнува. Претставените дела во изложбата, ни нудат широк спектар на интерпретации на светлината инкорпорирани во делата на трите современи уметници, претворајќи ја во игралиште за контекстуализирање на комбинација од стари -постоечки дела- и нови дела создадени специјално за оваа изложба. На овој начин, пристапот на оваа изложба претставува пред сè поетско истражување на темата, акцентирано со слоевитоста од аспекти од историјата на уметноста, истражувањето на нагонот за создавање и преиспитување на значењето и местот на светлината во делата на овие три уметници.
 
Во серија на цртежи „За каменот“, која се состои од цртежи, настанати во македонската предисториска опсерваторија Кокино, Флор Хелуан ја истражува природната светлина и темнината, нејзиното значење за цртежот и неговите хроматски квалитети и заситеност комбинирајќи ги со звучен експеримент и просторна инсталација. Со комбинирање на различни материјали и користење на нивната различна материјална вредност во цртежите, додавајќи звуци и дополнителната обемна просторна инсталација, уметницата создава мала материјална збирка од фрагменти пронајдени околу опсерваторијата којшто има за цел да ја пренесе публиката на местото кадешто се настанати цртежите. Во делата на Флор се инкорпорирани широки влијанија од барокните сликари и нивните истражувања на светлината, до истражување на денешните извори на дигитална светлина (компјутери, паметни телефони) и нејзиниот хроматски квалитет. 
                                                                                                          Fleur Helluin
 
Делата на Христина Иваноска, кратки текстови во рефлектирачка златна боја, привлекуваат со нивната атрактивност и сјај. Но, во суштина тие имаат за цел да претстават еден многу деликатен и сложен дијалог за односот и просторот на вербата, духовноста и религијата во денешното општеството. Во нејзиниот најнов проект „La Mystérique (патот кон милоста)“, таа вклучува дела во различни медиуми инспирирани од пишаните дела на филозофката Симон Вејл и феминистката Луис Иригаре. На овој начин таа го истражува процесот на еманципација на жените преку интелектуално просветлување, преработувајќи важни сегменти од нивните списи од коишто создава минимални текстуални конструкции. Со тој чин таа ги става овие два важни женски гласа заедно на сцена, создавајќи нов глас, конструкт, преку  којшто ги пренесува своите размислувања за светоста, одлучноста, радикалноста од една, и љубовта, екстазата и пожртвуваноста од друга страна. Па така, во делата на Иваноска се преплетуваат два јазика. Од една страна е ликовниот јазик, директно инспириран од средновековното сликарство којшто преку користење на златната боја моќно ја рефлектира физичката светлина, но и претставува симбол на божествениот принцип. Од друга пак страна отвора дискусија за комплексноста на светлината како духовна, еманципаторска (политичка) и социјална категорија денес.  
 
Христина Иваноска
 
Додека во првите два пристапи се истражува визуелизацијата и(ли) ликовното, делата на Јане Чаловски пак го истражуваат потенцијалот на празнината и не-визуелното претставување. Со изборот на предмети и облици полни со значење и лишени од јасна претстава, делата оставаат простор за антиципација на ликовното, но и му овозможуваат на светлото и темното да ги креираат овие -често-асоцијативни- објекти одново. Тој во неколку наврати се обидува да му се обрати на безликовното и да го дешифрира неописливото со разголување на објектите и формите до нивната основа, а со бришењето на меморијата за нивната примарна функција им се дава сосема ново значење.
 
Јане Чаловски
 
Креирањето на оваа изложба отвори плодна почва за дискусија и размислување околу тоа каква улога игра светлината во делата коишто ги создаваме и какви сè можни начини на интерпретација на светлината уметничките дела се можни, како и кое е местото на светлината во делата на овие тројца уметници. Овие размислувања ќе бидат објавени во форма на кратко интервју во каталогот на изложбата.

admin

No Comments

Post a Comment