logo
A powerful architecture & Construction theme. Construct your website in the perfect Ratio.
Alienum phaedrum torquatos nec eu, vis detraxit periculis ex, nihil expetendis in mei. Mei an pericula

Blog

presstoexit / 2014  / УМЕТНОСТА НА НЕУСПЕХОТ: афективни странци

УМЕТНОСТА НА НЕУСПЕХОТ: афективни странци

Надворешни активности | Христина Иваноска, Јане Чаловски, Неда Фирфова | Уметноста на неуспехот: афективни странци | куратор: Славчо Димитров| Национална галерија на Македонија – Мала станица | 9 – 20 декември, 2014.

„Уметноста на неуспехот: афективни странци“ претставува групна изложба која ангажира дел од најзначајните македонски современи уметници, а со цел да ги истражат, проблематизираат и преосмислат потенцијалите за продукција на алтернативни и нехегемонски социјални и културни светови. Тргнувајќи од претпоставката дека уметноста претставува праксис преку кој се генерираат алтернативни, ненормативни, очудени и иновативни модели на дистрибуција на сензибилното (Жак Рансијер), односно интервенција и трансформација на доминантните културни модели преку кои се санкционира и регулира перцепцијата, чувствувањето, мислењето и делувањето на/во заедничкиот свет, изложбата стреми кон ангажирање на ваквиот потенцијал на уметноста, а со цел да се понудат трансформирачки и субверзивни организации на заедничкиот, споделен свет.

Неуспехот, искуството на срамот (како конститутивно за идентитетската позиција и себе-доживување на малцинските субјекти), и негативните и ’парализирачки’ емоции (анксиозност, меланхолија, оплакување, депресија, страв итн.) се предмет на анализа од различни позиции на секој од уметниците вклучени во изложбата, и материјал за трансфигурација и трансформација преку перформативно генерирање на позиции на отпор против хегемониските модели на општеството, од една страна, и индикатори за структурните ефекти на социјалната нееднаквост и насилството врз интимните, отелотворени и афективни искуства на родово и сексуално ненормативните малцинства.

Емоционалните искуства на сите оние тела социјално маркирани како настрани, изопачени, девијантни, изроди, ненормативни, па дури и ненормални, или како квир (во рамки на англо-американската терминологија и политичко искуство), искуства кои се исцртуваат на маргините на нормативниот социјален простор како маркери на неуспехот да се отелотвори родовата и сексуалната норма, или пак нормата за достоиствен, легитимен, и вреден живот во рамки на капиталистичка хиерархиска скала и националната имагинација, во рамки на изложбата се промислуваат и истражуваат како можност за креација на алтернативни линии на живот, нови форми на социјалност и сродство, пријателства и модели на интимност и љубов.  Губењето во неуспехот, одовде, станува место за колективна пракса на отпор со која се отфрла и се одбива здраворазумското прифаќање на доминантната логика на успехот, како ефект на моќ и дисциплина, односно на хегемониските императиви и норми кои дефинираат што се вреднува како животен успех, и кој се вреднува како признаено човечко битие врз основа на овие норми.  Проживеаните и неподносливо болни инскрипции на моќта врз телата на малцинските субјекти, кои се исчитуваат во непрепознаените и невидливи секојдневни искуства на траума, и го исцртуваат затворениот и повлечен интимен простор на меланхолијата и депресијата, односно „бездната што тагата ја создава, на неискажливата болка која понекогаш, а често долготрајно, не обзема се додека не го загубиме целокупниот интерес за зборовите, дејствувањеата, па дури и за самиот живот“ (Кристева), во рамки на изложбата се анализираат надвор од приватизирачките, психологизирачки и патологизирачки рамки, односно се истражуваат како ефект на нееднакви социјални релации и односи на моќ, дискриминација и исклучување.  Заглавеноста, застојот, парализата, недејствителноста, одбивањето на партиципација во секојдневниот тек на нормативната јавност, лепливоста на минатото како загуба, назадната приврзаноста за отсутните и неостварени љубови, идеали, и социјалности, како ефекти и симптоми на меланхолијата, се поставуваат како афективни интензитети со кои се одбива императивот за продуктивноста во национал-капиталистичката машинерија, се комеморираат историите на страдање и насилство избришани од усмереноста кон иднината на хетеронормативната фамилијарност која се репродуцира и одржува присилно до недоглед, и се создаваат јавни светови и контракултури на тажење и визибилизација на неизговорливите и невидливите загуби. 

Истовремено, целта на изложбата е да понуди линии на мобилизација на овие емоционални комплекси во насока на изместување и прекин на хабитуираните и нормализирани модели на споделени групни емоции, и преку театрализација и ре-перформирање на срамните искуства, желби, задоволства, емоции, релации и тела, да се преиспитаат и растетерават стерилизираните нормативи и морализаторски рамки на човековата интелегибилност.

„Уметноста на неуспехот: афективни странци“ ја преиспитува човековата ранливост, неизвесност и изложеност како можни основи за нови разбирања на тоа што не дефинира како луѓе и кои се нашите споделени услови врз основа на кои сме поврзани со другите и преку кои ја замислуваме и градиме заедницата вон насилните тоталитарни, хомогенизирачки и есенцијалистички политички и етички модели. На тој начин, изложбата го поставува прашањето за можноста за градење на алијанси и коалиции на отпор против различните модели на нееднаквост и експлоатација оттаде идентитетските рамки, ограничувања и исклучувања, односно врз основа на споделените искуства на срам, неуспех, исклучување, и емоционално ’парализирање’ помеѓу различни општествени локации и групи.

Дизајн на постер, зборник и каталог: Неда Фирфова

Уметници: Велимир Жерновски, Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ, Нада Прља, Јане Чаловски, Неда Фирфова

 

Мајчице мила! Колку чудно е денеска сè!, 

Dear, dear! How queer everything is today! 

Христина Иваноска

Инсталација од пет садови изработени во earthenware керамика, рачно обликувани и сликани со декоративни керамички бои, 2014

Мајчице мила! Колку чудно е денеска сè! – почнува да се прашува детето Алиса гласно за сè она чудно што се случува во него и околу него, зборувајќи си самото на себе. Можеби книгата „Алиса во земјата на чудата“ (1865) на Луис Карол, меѓу другото, зборува токму за времето кога емоциите кај детето стануваат покомплексни и кога тоа може да препознае нова, поинаква состојба кај себе за себе. Да се доживее како поинакво од другите, но, и токму затоа, и како загатка и за себе и за другите. Загатка која треба да ја разгатне, да ја разоткрие, разоткривајќи се себе си (и пред другите). Од тој моментот болката, страдањата и солзите стануваат интима.

И токму во изразувањето на интимата изборот на керамиката како медиум не е случаен. Од една страна таа е метафора за природата која ги содржи во себе трите основни елементи: земја, вода и оган, и која најчесто се врзува со домот – со чување, подготвување и служење на храната, но и со декорирање и украсување на домот. Од друга пак страна, иако керамиката е непретенциозна заради нејзините ограничувања во изборот на големината и формата, и традиционална во својата суштина поради строгите правила на изработка, во современата керамика се појавуваат геј и cross-dressing автори кои ја анулираат тезата дека керамиката и е предодредена на жената. Својот сензибилитет, својата естетика совршено ја инкорпорирале во керамиката со сите нејзини карактеристики и квалитети. Таа станува медиум преку кој се изразува став, определба, позиција; медиум во кој може да се биде „безобразно“ експлицитен во изразувањето на својата интима, и на граница на кич во пренесувањето на мечтите.

Оваа комплексност на керамиката се обидов да ја пренесам и во оваа моја последна продукција. Орнаментиката претставена на надворешната страна од петте керамички садови е во опозиција со она што е внатре, кое е најчесто базирано на текст, минимално и прочистено. Таа е инспирирана од ореолот на Св. Апостол Павле претставен на икона од XV век од црквата „Св. Ѓорѓи“ во Струга. Неговиот ореол, кој наликува на чипка мајсторски исплетена од срма или изработен од тенка позлатена жица, е во контраст со испостеното, измачено и зеленикаво лице на светецот. Во потрага по префинета орнаментика од нашево поднебје, токму таа, ако можам да си дозволам да кажам, „квир естетика“, која ја препознав во нешто што треба да симболизира светлина или просветленост во една иконографија, претставуваше поттик за создавање.

А текстот, или втиснат уште во меката глина или испишан со четка и боја, произлезе од размислувањата на Лис Иригаре (Luce Iriragay), Хедер Лав (Heather Love) и Жил Делез (Gilles Deleuze). Во еден од садовите зборовите го опишуваат Синот-Бог кој е плод на земното и небеското, а со тоа и андрогин уште во зачнувањето. Само ваквата андрогина конструкција, меланж од различности може да биде милостива кон другиот, и неговата љубов и жртва еднаква за сите. На друго пак место зборовите ја потврдуваат потребата на квир субјектот да се поврзе себе си со сродни по сензибилитет личности од историјата, за да создаде свое минато со своите замислени предци. Тука зборовите не констатираат историска исклученост, туку, како да говорат, Јас (ќе) постојам. Целата површина на садот ја исполнуваат пет зборови во пет реда кои ни потврдуваат дека не постои трагична креација, зошто секое создавање е радост дури и кога е инспирирано од трагичното. А токму садот со бонбони во светкава опаковка кој претставува омаж кон уметникот Феликс Гонзалес-Торес (Felix Gonzlez-Torres) го потврдува токму претходно искажаното. Создавајќи од позиција на хомосексуалец и латиноамериканец, тој ги испреплетува интимата и уметноста до граница на минималност која здоболува со својата искреност. А, само еден од садовите е превртен, зошто отпечатоците на тупаници втиснати во сеуште меката глина треба да бидат „невидливи“ за другиот. Гордоста ја анулира болката, а срамот е проголтан. На видливата површина само раскош од бои.

Јане Чаловски 

Ана.Норд. 

2014

Повеќекратни видео проекции

Променливи димензии

Овој краток опис го почнувам со два цитата кои на некој начин се поврзани со делото:

Гентрификаторите се фокусираат кон естетиката, не кон луѓето. За нив луѓето претставуваат естетика.

Сара Кендзиор (Sara Kendzior)

Оваа, како и секоја приказна што вреди да се раскаже, е за девојка.

Спајдермен, 2002

Ова дело е за Ана, моја пријателка. Се сретнавме во 2009 година во Амстердам Норд кога бев поканет на резиденциски престој од страна на неколку организации, а таа живееше во станот до мојот. Нејзиниот профил (позајмен од нејзината веб-страница) гласи:

Транирокс, трансексуален рокенрол и блуз музичар.

Со перкусија/тапани започнува на 9 годишна возраст, за подоцна да продолжи со гитара, на која се навлекува!!! Студира музикологија, и има широк опсег на музички влијанија. Настапувала во групи, но исто така и како соло изведувач, гитара и вокали.

На крај, сепак: Хардкор рокенрол и блуз музичар со панкерски став.

Бевме соседи со идентични станови, со тоа што мојот беше празен бел простор. Во 2010 година направивме неколку снимки на кои таа ја изведува нејзината музика и зборува за импровизација, верба, нејзиното искуство со хормонска терапија и сеќавања за себеси во минатото. Снимањето траеше два дена, се одвиваше без сценарио, беше спонтано и напати претставуваше неудобна хроника на нашиот соживот.

Би сакал да им се заблагодарам на нашите заеднички пријатели Даниела Паез Леао, Мерел Вилјамсон и Табита Кејн од Кикруимте (Kijkruimte), како и Крил Колеманс кој беше дел од Толхуистуин (Tolhuistuin) кои го овозможија делото. Му благодарам и на Славчо Димитров за неговиот интерес.

Линкови на кои е достапна музиката на Ана:

http://www.trannyrocks.com

http://www.jango.com/music/tranny+rocks?l=0

https://myspace.com/trannyrocks

Неда Фирфова 

ЗБОРНИК, КАТАЛОГ

Неотпечатени зборник и каталог, 14х21х3см
2014

Делото Зборник, Каталог, ќе биде изложено во форма на печатени дела-сателити на преостанатите дела во изложбата. Делото ќе произлезе од печатениот каталог на изложбата, и од процесот на неговата продукција. Делото предвидува употреба на цели табаци од печатениот материјал, и финалниот производ – каталогот за изложбата. Од една страна, делото ќе има за цел да изгради визуелна врска помеѓу другите дела во изложбата, а од друга, да создаде наративна интерпретација на истите во просторот. Дизајнерското решение на каталогот/зборникот се обидува да го дофати, барем во еден инстант, атмосферата и афективниот тон на целокупната поставка и кураторската идеја позади изложбата. Мачнината, загубата, негативниот афект и нивните потенцијално крајни ефекти се евоцирани преку индексирањето со играта “бесилка“. Сите овие афекти се раздиплени низ отворен хоризонт, и ја навестуваат неодредената и непрепознатлива можност за трансформација на овие афекти во поинакви модалитети и позиции кои бараат интерактивна интервенција. Тегобноста и бавната смрт како исход на одземениот глас, на неможноста, неизреченоста, празнината и тешкотијата, маркирани со отсутните вокали, но и темната сина позадина, го повикуваат “визуелниот читател“ да интервенира, и да даде поинаков тек на состојбата. Pantone Reflex Blue, односно сината боја во книгата, евоцира една линија од квир уметничката историја (Клајн, Џарман), создава простор за рефлексија и длабочина, и дава како рефлексивен акцент на текстовите во зборникот, така и истрајност во читањето и афективните структури на моќта и нивното испишување во искуството на маргиналните субјекти.

 

admin

No Comments

Post a Comment