logo
A powerful architecture & Construction theme. Construct your website in the perfect Ratio.
Alienum phaedrum torquatos nec eu, vis detraxit periculis ex, nihil expetendis in mei. Mei an pericula

Blog

presstoexit / 2013  / „За акцијата или интрузијата во самиот живот“, дел од кураторскиот проект ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА: ТИШИНА
Nada Prlja Peace Wall 9

„За акцијата или интрузијата во самиот живот“, дел од кураторскиот проект ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА: ТИШИНА

// настан конципиран и реализиран од кураторката Ивана Васева

11 јули, 2013

Тековни активности | Кураторски проект на Ивана Васева |  настан насловен „За акцијата или интрузијата во самиот живот“ како дел од кураторскиот проект  ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА: ТИШИНА | 21 часот, City Jazz Club MОЈО

Во четврток на 11 јули 2013 година, со почеток во 21 часот, во City Jazz Club MОЈО (ул. Луј Пастер бр. 3А, позади поранешно кино Култура) ќе се одржи настанот под наслов „За акцијата или интрузијата во самиот живот“. Ова е четврт од петте настани кои ќе се реализираат во рамки на проектот ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА: ТИШИНА конципиран и реализиран од кураторката Ивана Васева од организацијата ПРОЕКТЕН ПРОСТОР ПРЕС ТУ ЕГЗИТ од Скопје.

Nada Prlja Peace Wall 9
Настанот „За акцијата или интрузијата во самиот живот“  се однесува на решеноста да се излезе надвор од удобноста на сопствените позиции со намера да се постигне одредена цел која ја засега поширок круг на луѓе и која се стреми да направи промена во животите на некоја заедница. Од една страна, овој настан презентира искуства на уметници, но и активисти, кои најчесто ја допираат или замаглуваат разликата и границата меѓу уметноста и животот. Од друга пак страна се наметнува прашањето: што носиме и оставаме позади себе со начинот на кој делуваме?

Четвртиот настан „За акцијата или интрузијата во самиот живот“ се состои од три дела.

Настанот се отвора со кратка презентација на делото „Rosendale, A Public Work (1975-76)“ на уметникот Raivo Puusemp од страна на кураторката Ивана Васева.

Потоа следи проекција на видеото на уметничката Нада Прља создадено по повод инсталацијата  „Peace Wall“ изведена за време на минатогодишното, седмо по ред издание на Берлинското биенале (27 април – 1 јули, 2012 год.).

На крајот следува дискурзивен настан насловен „Speak up” а дизајниран од уметничката Ивана Драгшиќ и активистот Никола Наумоски. Овој проект осмислен специјално за настанот „За акцијата или интрузијата во самиот живот“ ќе се обиде да повика на генералната апатичност и латентиот пасивен однос кон прашања кои се однесуваат на современото македонско општество а преку тоа и да ја поттикне свесноста за потребата од активно влучување во работи кои се од значење за една заедница.

Peace Wall – Нада Прља

Невидливата граница меѓу двете паралелни општетства на главната шопинг улица Friedrichstrasse во централен Берлин беше означена преку конструирање на ѕид – Peace Wall – реализиран од страна на уметницата Нада Прља во рамките на седмото издание на Берлинското биенале. Структурата со големина 12 м x 5 м, блокирајќи и делејќи ја Friedrichstrasse, ги визуелизираше денешните социјалните и економски нееднаквости во оваа област додека правејќи ја очигледна неспособноста и апатичноста на жителите од нејзиниот јужен дел да влијаат на било кој одлучувачки аспект во нивниот сопствен социо-политички живот.

Творештвото на Нада Прља се однесува на комплексните ситуации на нееднаквост и неправда во општествата рангирајќи од политички и економски до религиски теми. Користејќи различни медиуми, нејзините проекти се повеќеслојни и секогаш специфични за одреден простор, локација и условеност. Главната цел на нејзините дела е преку реапроприација на уметноста или уметничкиот систем да предизивика реакција и активира и модификува различни паралелни социополитички системи во едно општество.

*
По четвртиот настан ќе следи и настанот (дополнително ќе објават учесниците):
V. настан: 18 јули, 2013 год. (четврток) – За одговорноста пред себе и другиот со што и ќе се заокружи и заврши овој проект.

Во продолжение ви го праќаме и кураторскиот текст за целиот настан.


ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА: ТИШИНА

Зашто само така се компонирани човековите животи. Компонирани се како музичко дело. Човекот, воден од смислата за убаво, го претвора случајниот настан (музиката на Бетовен, смртта на железничката станица) во мотив што ќе остане во композицијата на неговиот живот. Му се навраќа, го повторува, го менува, го развива како што композиторот ја развива темата на својата соната. […] Без да знае, човек го компонира својот живот според законите на убавината и во моментите на најдлабока безнадежност. […] Затоа не може да му се префрли на романот дека е фасциниран од тајната средба на случајностите (како што е средбата на Вронски, Ана, перонот и смртта, или средбата на Бетовен, Томаш, Тереза и коњакот), ама со право може да му се префрли на човекот дека во својот секојдневен живот е слеп за таквите случајности и така неговиот живот ја губи својата димензија на убавина.

Неподлосливата леснотија на постоењето
Милан Кундера

Постојат пет сосема случајни запознавања кои ја градат оваа приказна. Дека сите се појавија во одредени моменти на безизлезност е повеќе од точно ама дека некогаш помислив дека ќе формираат целина е далеку од намерното и планираното. Се собраа еден попладневен ден после еден понирачки длабок разговор на една тераса на ул. Орце Николов во Скопје, која наскоро и нема да постои, и добија целина.

Верувам дека човековиот живот е компониран како музичко дело кое го градат сплет од случајности и кои делуваат како знаци на иницијативност. Затоа и верувам дека ова што го нудам има смисла. А тоа што има смисла е што сите случајности реферираат на една обична човекова активација или решителност да се оттурне пасивизираното секојдневие, која се движи од внатрешниот порив преку мотивот, водечките нагони и планираните чекори сé до качувањето во возот во една нелинеарна траекторија исполнета со тишина.

Која е идејата преку која се разгледува овој концепт?

Или можеби најпрво прашање е, зашто го правиме она што го правиме?

Идејата на овој петчлен проект е преку посебни настани да ја преиспита нашата внатрешна решеност, одлучност и спремност да направиме чекор напред, да исчекориме во „непознатото“ поради верувањето во слободата и убавината. Преку пет зададени точки: за љубовта или внатрешниот порив, за хуманоста или функцијата на љубовта,  за сочувството или можноста за чувствена телепатија,  за акцијата или интрузијата во самиот живот и за одговорноста пред себе и другиот, овој проект е обид да допре до внатрешните, тенки нишки на себе-искусувањето но и до сложеноста на  релацијата со другиот.

Изложбата ја градат пет настани составени од дела од визуелната, литературната, музичката, филмската и активистички-насочената уметност веќе создадени но сега сврзани во една целина и кои заеднички водат кон една јасна индивидуална емотивна стимулација.

Од друга страна, во време кога нештата зовриваат и се чини се движат кон критична точка, едно од клучните прашања кои директно се поставуваат е  – дали има ефект она што го правиме?

Јас ќе прифатам два одговара. Во еден разговор добив одговор дека најважното кај уметноста е тоа што успева на најискрен начин да ги покрене емоциите и да не трогне до степен на активно реагирање и возвраќање на поставеното прашање а во друг дека за да биде така ќе треба само да се канализира и сосредоточи вревата. Тогаш ќе остане она што е важно. Мислам дека понатаму не треба многу зборување.

И.В.


Facebook линк: https://www.facebook.com/events/596221807065761/?ref=22

admin

No Comments

Post a Comment