logo
A powerful architecture & Construction theme. Construct your website in the perfect Ratio.
Alienum phaedrum torquatos nec eu, vis detraxit periculis ex, nihil expetendis in mei. Mei an pericula

Blog

presstoexit / 2013  / За сочувството или можноста за чувствена телепатија, трет дел од кураторскиот проект ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА: ТИШИНА
115-2

За сочувството или можноста за чувствена телепатија, трет дел од кураторскиот проект ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА: ТИШИНА

// настан конципиран и реализиран од кураторката Ивана Васева

4 јули 2013 год.

Тековни активности | Кураторски проект на Ивана Васева |  настан насловен „За сочувството или можноста за чувствена телепатија“ како дел од кураторскиот проект  ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА: ТИШИНА | 21 часот, City Jazz Club MОЈО

Во четврток на 4 јули 2013 година, со почеток во 21 часот, во City Jazz Club MОЈО (ул. Луј Пастер бр. 3А, позади поранешно кино Култура) ќе се одржи настанот под наслов „За сочувството или можноста за чувствена телепатија“. Ова е трет од петте настани кои ќе се реализираат во рамки на проектот ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА: ТИШИНА конципиран и реализиран од кураторката Ивана Васева од организацијата ПРОЕКТЕН ПРОСТОР ПРЕС ТУ ЕГЗИТ од Скопје.

Третиот, од петте настани во рамки на проектот ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА: ТИШИНА конципиран и реализиран од кураторката Ивана Васева од организацијата ПРОЕКТЕН ПРОСТОР ПРЕС ТУ ЕГЗИТ од Скопје најшироко зборува за способноста да се „биде во кожата на другиот“. Сочувството поттикнува на заедништво кое е потребно како реакција во времиња на диктирано или на еднострано исчитување на реалноста.

   115-2   Don't rape Skopje

Од друга страна, настанот се обидува да ја преиспита нашата сопствена позиција, како уметници, културни работници, архитекти и да запраша каква е нашата улога, сега во овој момент и кои се меѓите на нашите активности?

„За сочувството или можноста за чувствена телепатија “ се состои од три дела.

Настанот се отвора со краток сегмент од книгата „Неподлосливата леснотија на постоењето“ на Милан Кундера.

Потоа следи презентација насловена „Поинакви ѕидови“ на архитектонскиот колектив Прва Архи Бригада на која ќе се даде увид во нивната активност од „Првото архитектонско востание“ (28 март, 2009 год.), изложбата одржана една година од „Првото архитектонско востание“ на истата локација на плоштадот Македонија, преку публикувањето на изданието „Прва Архи Бригада – најнекомплетна архива“, потоа архитектонските прошетки низ Скопје па сé до нивната инволвираност во иницијативата „Го сакам ГТЦ“. Исто така ќе биде споменато и вклучувањето на „Првото архитектонско востание“ во интернет архивата на социјално – ангажирани практики од 1991 до 2011 год. насловена „Living as a form“ на кураторот Nato Thompson.

prva arhi brigada

Прва Архи Бригада е неформална група на студенти по архитектура и млади архитекти кои делат исти идеи генерирани од потребата да го искажат своето мислење во поглед на веќе постоечки и планирани архитектонски и урбани зафати во Скопје. Тие се формирани водени од наклонетоста да завземат проактивна улога во дизајнирањето на денешната архитектонска реалност која од позиција на идна генерација на архитекти во Македонија ќе стане архитектонско наследство.

Исто така во просторот ќе биде поставена и интерактивната контрукција од рециклиран материјал насловена „Лични интроспекции: уметик и/или општество“ на уметничката Христина Иваноска.

Hristina Ivansoka Umetnik i-ili opstestvo 02

Hristina Ivanoska Umetnik i-ili opstestvo 05

Hristina Ivanoska Umetni i-ili opstestvo 03

Фотографии: Јане Чаловски

Христина Иваноска е родена во 1974. во Скопје. Во 1997. дипломирала на ФЛУ во Скопје, а моментално е на постдипломски студии на истиот факултет. Иваноска има реализирано единаесет самостојни претставувања и изложувала на голем број групни изложби во галерии и институции во земјава и странство меѓу кои State Museum of Contemporary Art, Солун (2012, 2004), Galerija Treći Beograd, Белград (2012), Slovak National Gallery, Братислава (2011), Neue Gesellschaft für Bildende Kunst, Берлин (2011), Музеј на современа уметност, Скопје (2011, 2010), Open Space – Zentrum für Kunstprojekte, Виена (2010), <rotor> Асоцијација за современа уметност, Грац (2009), Konsthall C, Стокхолм (2008), Magazin4 – Bregenzer Kunstverein (2008), Музеј на современа уметност, Белград (2007), Foundation for Women’s Art, Лондон (2006), Spaces Gallery, Кливленд, Охајо, САД (2005), и други. Таа има оствратено повеќе студиски престои меѓу кои La Cite International, Париз (2011), IASPIS, Стокхолм (2008), ArtsLink Residency Program, Њујорк (2004), The Corporation of Yaddo, Држава Њујорк, САД (2001), Stiftung Künstlerhaus Boswil, Швајцарија (1998). Од 2000 година соработува со уметникот Јане Чаловски, а заеднички изложби и проекти имале во Скопје (2010, 2004, 2003, 2002), Загреб (2009), Грац (2008), Берлин (2008), Луцерн (2008), Битом (2007), Порторико (2004), и други. Нивните заеднички дела се дел од колекцијата на Van Abbemuseum во Ајндховен, и колекциите на Deutsche Telekom и Deutsche Bank.

http://www.cee-art.com/macedonia/ivanoska-hristina.html

По третиот настан ќе следуваат и настаните (дополнително ќе објават учесниците):
IV. настан: 11 јули, 2013 год. (четврток) – За акцијата или интрузијата во самиот живот;
V. настан: 18 јули, 2013 год. (четврток) – За одговорноста пред себе и другиот.


ПЕТ ВАРИЈАЦИИ НА СТАТИЧНОСТА: ТИШИНА

Зашто само така се компонирани човековите животи. Компонирани се како музичко дело. Човекот, воден од смислата за убаво, го претвора случајниот настан (музиката на Бетовен, смртта на железничката станица) во мотив што ќе остане во композицијата на неговиот живот. Му се навраќа, го повторува, го менува, го развива како што композиторот ја развива темата на својата соната. […] Без да знае, човек го компонира својот живот според законите на убавината и во моментите на најдлабока безнадежност. […] Затоа не може да му се префрли на романот дека е фасциниран од тајната средба на случајностите (како што е средбата на Вронски, Ана, перонот и смртта, или средбата на Бетовен, Томаш, Тереза и коњакот), ама со право може да му се префрли на човекот дека во својот секојдневен живот е слеп за таквите случајности и така неговиот живот ја губи својата димензија на убавина.

Неподлосливата леснотија на постоењето
Милан Кундера

Постојат пет сосема случајни запознавања кои ја градат оваа приказна. Дека сите се појавија во одредени моменти на безизлезност е повеќе од точно ама дека некогаш помислив дека ќе формираат целина е далеку од намерното и планираното. Се собраа еден попладневен ден после еден понирачки длабок разговор на една тераса на ул. Орце Николов во Скопје, која наскоро и нема да постои, и добија целина.

Верувам дека човековиот живот е компониран како музичко дело кое го градат сплет од случајности и кои делуваат како знаци на иницијативност. Затоа и верувам дека ова што го нудам има смисла. А тоа што има смисла е што сите случајности реферираат на една обична човекова активација или решителност да се оттурне пасивизираното секојдневие, која се движи од внатрешниот порив преку мотивот, водечките нагони и планираните чекори сé до качувањето во возот во една нелинеарна траекторија исполнета со тишина.

Која е идејата преку која се разгледува овој концепт?

Или можеби најпрво прашање е, зашто го правиме она што го правиме?

Идејата на овој петчлен проект е преку посебни настани да ја преиспита нашата внатрешна решеност, одлучност и спремност да направиме чекор напред, да исчекориме во „непознатото“ поради верувањето во слободата и убавината. Преку пет зададени точки: за љубовта или внатрешниот порив, за хуманоста или функцијата на љубовта,  за сочувството или можноста за чувствена телепатија,  за акцијата или интрузијата во самиот живот и за одговорноста пред себе и другиот, овој проект е обид да допре до внатрешните, тенки нишки на себе-искусувањето но и до сложеноста на  релацијата со другиот.

Изложбата ја градат пет настани составени од дела од визуелната, литературната, музичката, филмската и активистички-насочената уметност веќе создадени но сега сврзани во една целина и кои заеднички водат кон една јасна индивидуална емотивна стимулација.

Од друга страна, во време кога нештата зовриваат и се чини се движат кон критична точка, едно од клучните прашања кои директно се поставуваат е  – дали има ефект она што го правиме?

Јас ќе прифатам два одговара. Во еден разговор добив одговор дека најважното кај уметноста е тоа што успева на најискрен начин да ги покрене емоциите и да не трогне до степен на активно реагирање и возвраќање на поставеното прашање а во друг дека за да биде така ќе треба само да се канализира и сосредоточи вревата. Тогаш ќе остане она што е важно. Мислам дека понатаму не треба многу зборување.

И.В.


Facebook линк: https://www.facebook.com/events/595757647122595/

admin

No Comments

Post a Comment